Vrabotuvanje.com - Дали ќе почнеме да летуваме во Северна Европа бидејќи Медитеранот гори?
Сподели
Tweet
Сподели
Испрати на пријател

Дали ќе почнеме да летуваме во Северна Европа бидејќи Медитеранот гори?

Во Шпанија и Италија ова лето е најтопло досега, горештините понекогаш се неподносливи. Грција повторно беше опустошена од пожари, досега најлошо помина Родос. Така е со години, лето по лето. Може ли глобалното затоплување да ги промени навиките на милиони туристи и да ги наведе да ја изберат северна Европа за летен одмор?

Дали ќе почнеме да летуваме во Северна Европа бидејќи Медитеранот гори?
Податоците од Европската комисија за патувања (ETC), која обединува туристички организации од 34 европски земји, засега не потврдуваат таков пресврт, но има навестувања.
 
„Нема промена во бројот на резервации поради топлотниот бран во јужна Европа“, вели Норберт Фибиг, претседател на германската туристичка асоцијација DRV.
 
Според податоците на италијанската туристичка канцеларија Enit, посетите всушност се во пораст и експертите очекуваат рекорден број ноќевања во Италија ова лето.
 
И во Шпанија нема знаци дека жештините ги одвраќаат туристите. Во првите шест месеци, според податоците на статистичката агенција INE, земјата ја посетиле 37,5 милиони странски туристи, 23,7 отсто повеќе во однос на првото полугодие од минатата година.
 
„Јасно е, сепак, дека поради климатските промени ќе зачестат екстремните временски настани како пожари, суши и поплави“, вели Фибиг, со оценка дека термините во претсезонската и постсезоната ќе се зголемат во важност.
 
Туристичките компании веќе реагираат - на пример, лидерот во индустријата Tui неодамна ја продолжи својата сезонска понуда во Грција, па туристите сега можат да резервираат одмор таму до средината на ноември.
 
Во суштина, топлината никогаш порано не ги одвраќаше туристите. Дестинациите како Турција, Грција, Тунис или Мароко се популарни во лето со децении, иако таму секогаш е многу топло. Цената е всушност поважен фактор.
 
„Фактот што одморите на овие дестинации често се поевтини од другите места придонесува за нивната популарност. Таму цената е поважна од топлината“, вели Торстен Кирстгес од Универзитетот Џејд во Вилхелмсхавен.
 
Истражувањето на ETC, сепак, навестува случувања. Во Европа, Шпанија останува најсилниот магнет во сезоната јуни-ноември, пред Франција, Италија, Грција и Хрватска.
 
Сепак, во споредба со минатата година, околу 10 отсто помалку луѓе планираат одмор на Медитеранот, а Чешка, Бугарија, Ирска и Данска стануваат сè попопуларни. ETC ја припишува промената на поголем удел на туристи кои бараат помала гужва и поблаги температури.
 
„Гледаме дека вообичаената туристичка побарувачка од север-југ не се намалува“, вели директорот на ETC, Едуардо Сантандер. Според неговата проценка, така ќе остане се додека затоплувањето се одржува на 1,5 или два степени од прединдустрискиот просек.
 
Поинаку ќе изгледа ако просечната температура се зголеми за три или четири степени и тогаш повеќе Европејци ќе бараат дестинации во централна и северна Европа во текот на годината, додека јужните дестинации ќе станат поатрактивни во пролет и есен.
 
Евентуалниот значителен пад на побарувачката за медитерански одмори ќе биде лоша вест за големите туристички агенции во Европа, бидејќи Шпанија и другите земји со милиони аранжмани се важен извор на приход за нив.
 
Скандинавија или земјите од Источна Европа засега не се масовно уредени дестинации, додека многу туристи сами организираат посети на Балтичкото и Северното Море, патувајќи со автомобил или воз.
 
Кирстгес не ја исклучува можноста Северна Европа да профитира од идните пожешки лета.
 
Дали, во тој случај, Вилхелмсфаен ќе стане еден вид нова Турција, ако луѓето почнат да летуваат во германското Балтичко Море или во Полска, северна Франција, Ирска, Британија или Скандинавија?
 
Извор: kajgana.com
 

Vrabotuvanje.com.mk користи колачиња (анг. cookies) за да ви овозможи подобро корисничко искуство. Повеќе информации можете да прочитате овде