Дали ја знаете сопствената вредност и дали верувате доволно во себе дека вредите повеќе отколку што навистина сте платени?
Каква плата би сакале: по учинок или фиксен износ?
Во Македонија платите главно се исплатуваат во определен фиксен износ кој е одреден во договорот за работа, во одредени дејности има можност за додаток според учинок. Кога би прашале некого дали е задоволен од платата која ја добива дури и да ви одговори потврдно, веројатно ќе смета дека сепак е платен/а помалку од она што го остварува со работењето.
Меѓутоа, системот на плати е општо прифатен и тоа е тоа што на работниците им дава некоја сигурност дека месецот ќе го поминат, без разлика дали одвај сврзуваат крај со крај или живеат удобно.
Од друга страна, тренд кој во светот зачестува е барањето плаќање по учинок, односно согласно завршени работни задачи и/или остварен резултат со работењето. Ако истата личност која смета дека е платена помалку од тоа што реално го остварува ја прашате дали би прифатила плата по учинок наместо со фиксен износ- веројатно би одбила од причина што има перцепција дека ја губи сигурноста- иако несвесно го ограничува потенцијалниот приход. Како?
Да речеме дека за одредена работа добивате месечно по 18.000 денари. Работите она што ќе се побара од вас, си одите дома преморени и незадоволни зошто знаете дека давате повеќе отколку што добивате. Кога би ве плаќале по учинок, односно по постигнат резултат, можеби би заработиле и двојно, па и три пати повеќе.
извор: rabotnik.com.mk