Најголемата германска издавачка куќа Axel Springer, која меѓу другото го издава и таблоидот Bild, најави масовни отпуштања и делумна замена на отпуштените вработени со вештачка интелигенција, објавија денеска германските медиуми.
Вештачката интелигенција ќе замени 200 вработени во најголемата германска издавачка куќа
„Ќе мораме да се збогуваме со колегите кои досега ги извршуваа функциите кои во дигиталниот свет ги извршуваат процеси на вештачката интелигенција“, стои во интерниот мејл што менаџментот им го испратил на вработените.
Во редакцијата би можело да се укинат многу позиции поврзани со лекторирање или визуелен дизајн на страницата.
Како што јави германската новинска агенција (dpa), засега е предвидено да бидат отпуштени повеќе од 200 вработени. Раководството на Axel Springer соопшти дека целта е „социјално згрижување“ за работниците кои би останале без работа.
Отказите и зголемената употреба на вештачката интелигенција се поврзани со стратегијата за целосно свртување кон дигиталното издание на дневните весници како Bild или Die Welt и укинување на печатените изданија. Од мерките за штедење беа погодени и подрачните канцеларии на оваа издавачка куќа.
Bild е сè уште најтиражниот германски дневен весник со околу 1,1 милион отпечатени примероци. Но, во последните години, тиражот е во постојан пад. Bild во 2013 година продаде двојно повеќе печатени примероци од денес.
На крајот на 2021 година, Bild го отпушти и главниот уредник Џулијан Рајхелт поради обвинувања за злоупотреба на моќта и сексуално вознемирување на колешките, а правната битка со поранешниот уредник сè уште трае.
Извор: kajgana.com