Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не може повторно да го отвори својот профил на социјалната мрежа, откако бордот на Фејсбук му ја продолжи забраната за уште 6 месеци.
Четири месеци откако му беше блокиран профилот на Фејсбук поради поттикнување насилство кое доведе до упад во американскиот Конгрес на 6 јануари, Доналд Трамп ќе мора уште да чека за да се врати на мрежата. Независниот надзорен борд на Фејсбук ја одобри блокадата на профилот на Трамп, но порача дека таа не може да трае до недоглед.
Со одлуката де-факто се одложува враќањето на Трамп на социјалната мрежа и му се остава на Фејсбук за шест месеци самиот да одлучи дали ќе му дозволи да се врати.
Бордот одлучи дека Фејсбук бил во право што му го суспендирал профилот на Трамп, но истовремено компанијата згрешила што наметнала нејасна казна, а потоа му ја препуштила темата на бордот.
Ден пред одлуката на бордот, Трамп го претстави својот нов блог „Од бирото на Доналд Џ. Трамп“ на неговата лична интернет страница. Страницата содржи серија изјави на Трамп кои неговите поддржувачи можат лесно да ги споделуваат на Фејсбук и Твитер, каде тој е блокиран.