Оваа година избраниот хибриден модел на наставата даде одлични резултати, без застој во образованието, а притоа се заштити здравјето на учениците и наставниците како и колективното здравје. Тоа покажа дека образовниот систем може да се справува со вакви потреси. Тоа денеска до Охрид го посочи министерката за образование и наука Мила Царовска која беше во посета на средните стручни училишта во градот.
Царовска истакна дека моментално фокус на Министерството за образование и наука е вакцинација на наставниот кадар. Покрај учителите од прво до трето одделение, имунизацијата продолжува со прва вакцина за преостанатите наставници и професори, како и на одговорните лица за спроведување на матурата. Според неа, предвидена е одредена динамика на вакцинирање на наставниот кадар група по група, а преостанува после спроведувањето на матурата да се утврди начинот како ќе се одвива учебната година од септември.