Становите во Ѓорче Петров, Гази Баба и Охрид поскапеле за над 10 отсто во пандемијата
Раст на цените на градежните материјали, недостиг од квалификувани мајстори, но и зголемениот интерес за купување станови во Скопје поради нерамномерниот регионален развој, се главни причини и за градежната експанзија, но и за растот на цените на становите. Градежниците велат дека интересот за купување станови во ек на криза предизвикана од пандемијата дополнително го зголемува и тоа што во Македонија инвестирањето во недвижнини се смета за сигурно вложување.
Податоците од Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека продажбата на станови континуирано расте и во пандемиската 2020 година, а паралелно со тоа расте и цената на станбениот простор.
Во првите 9 месеци од 2020 година биле продадени за 10 отсто повеќе станови во однос на истиот период од претходната година. Во исто време, просечната цена на станбениот простор се зголемила.
Бизнисменот Никола Велковски од Групацијата за градежништво во Стопанската комора на Македонија за РСЕ вели дека поради кризата пораснаа цените на градежните материјали, а проблемот со иселувањето на квалификувани мајстори допрва ќе создава проблеми. Според него, главната причина за интерес за купување на станови во Скопје е нерамномерниот развој. Становите се продаваат лесно, но деловниот простор слабо се продава, вели Велковски.
„Скопје стана спална соба на цела Македонија и тоа е проблем. Гледате дека стан во Скопје купи секој што можеше од Македонија и ние практично го закрчивме Скопје. И кој треба и кој не треба купува стан во Скопје, веројатно тоа е и некоја гаранција за вложените пари и тоа е причината за притисокот за купување на станбен простор“, вели Велковски.
Во исто време додека расте интересот за купување станови, податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, покажуваат дека во земјава има скоро 7000 непродадени станови, а уште над 13500 се во градба.
Целиот текст Овде