Можно е од 1 јуни да биде укината мерката за задолжително носење на маски на отворено, за што ќе одлучува Комисијата за заштита од заразни болести на состанок идната недела. Ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој најави дека наредната недела Комисијата ќе одлучува какви мерки за заштита од ковид-19 ќе бидат активирани од 1 јуни, како и дека ќе се разговара за евентуално укинување на мерката за носење маски на отворен простор.
Казната за неносење на маска, шал или марама за граѓаните кои ќе бидат затекнати на јавни површини, е 20 евра. За фирмите, пак, кои не обезбедуваат заштитни маски за вработените, казната изнесува од 500 до 2.000 евра. МВР секојдневно известува за стотици казнети граѓани кои биле затекнати на отворен простор без маска.
Дел од европските земји веќе најавија наскоро укинување на некои рестриктивни мерки, меѓу кои е и носењето маска, а дел делумно ги ублажуваат мерките донесени за заштита од ковид-19.