Граѓаните кои лани имаа уплатено за одмор веќе може да ги реализират доделените ваучери. Од туристичките агенции информираат дека интересот постепено се зголемува и расте бројот на патници кои се јавиле да ги искористат. Но што ако некој граѓанин со ваучер во меѓувреме се предомислил, и летово сака да оди на друга дестинација? Од агенциите велат дека во договор со нив има и таква опција, да отпатува на друго место.
Годинава екот на летната сезона за разлика од претходно се очекува на крајот на јуни. Се чека ревакцинацијата како и дефинирање на сите детали поврзани со поминувањето на границата.
Агенциите нудат можност и за оние патници кои во меѓувреме поради разни причини се оневозможени да патуваат.
Речиси 90 отсто од нереализираните аранжмани се купени за летување во Грција. Едно од главните барања на туристичките работници кои протестираа во изминатиов период е рокот на ваучерите да се продолжи до крајот на 2022. Од Министерството за економија најавија дека доколку има барања од граѓаните кои уплатиле, ќе направат измени и ќе го продолжат рокот кој истекува на крајот на годинава.