Најмногу се бараат собирачи на плодови (моментално за вишни и цреши), но има побарувачка и за работници во земјоделство, сточарство, месна индустрија и други сектори.
На веб страната на Заводот за вработување во Хрватска отворени се преку 50 огласи за вработување во земјоделските гранки, а овој факт говори доволно за тоа дека работа има, но не и работници.
Компанијата Хлад од Славонски Брод преку оглас бара 70 собирачи на овошје, а директорката на истата вели дека работници не е можно да се најдат, иако од оваа работа може да се заработат до 200 куни (27.10 евра) дневно.
Големиот дефицит на работна сила за овие занимања експертите велат дека произлегува од долгорочниот процес на иселување на младите во земјите од Западна Европа.
Владата на Хрватска минатиот четврток ја прифати одлуката за зголемување на квотата за вработување на сезонски работници од странство која сега изнесува 35.500 дозволи. Најголем дел од работните дозволи ќе бидат за секторите: градежништво, трговија и туризам, земјоделство и шумарство.
За професијата собирач на плодови квотата од годинава е двојно зголемена и изнесува 1.000. За помошен туристички работник одобрени се веќе 3.715 работни дозволи, а на преостанатите 646 се додаваат и нови 1.395 дозволи. Во секторот угостителство се на се има 8.660 работни дозволи за странски работници.