Министерството за економија утре ќе го објави јавниот повик за вградување на уред на плин или метан. Граѓаните ќе имаат можност да остварат поврат од 50% од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари.
Како што најавија од министерството оваа мерка се реализираше во 2019 година кога над 730 граѓани добија субвенции за вградување на плински уред. Лани мерката беше прекината поради Ковид кризата.
Граѓаните кои ќе ги исполнат условите ќе добијат субвенции, односно кој ќе вгради плински уред и ќе достави соодветна документација, барање, фискална сметка, копија од сообраќајна дозвола и лична карта, како и број на трансакциски сметка. Рокот на огласот трае 60 дена од денот на објавување, а субвенциите ќе се даваат по принципот прв дојден прв услужен.
За оваа мерка од Буџетот ќе бидат одвоени 11 милиони денари.