За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден во учебната 2020/2021 година. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата (основни и средни) почетокот беше одложен за 1 октомври, а бројот на наставни денови намален од 180 на 159. Учебната година почна еден месец подоцна поради потребата антиковид-протоколите.
Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, главно преку платформата Мајкрософот тимс, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоки одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Ученици без ИТ-уреди имаа можност за настава на Македонската радио-телевизија и добиваа печатени материјали. За учениците кои завршуваат основно образование, од понеделник (14 јуни) претстои пријавување за упис во средните училишта.
Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија или естетика. Првиот, задолжителен испит по мајчин јазик (македонски/албански/турски јазик и литература) го полагаа во саботата.
Од септември ќе бидат воведени нови наставни програми, најпрво во прво и четврто одделение, а во наредните години се планираат измени во целото основно образование.
извор: skopjeinfo.mk