„Жито Полог“ ќе понуди на продажба 9,8 отсто сопствени акции. Ова е одлука на мнозинството акционери на последното акционерско собрание. Цената не е дефинирана ниту наинот на продажба, тоа ќе го уреди раководството согласно со законските овластувања. Дали помалите акционери на тетовската компанија ќе добијат понуда за превземање?
Мнозинството акционери на „Жито Полог“ од Тетово одлучија компанијата да ги понуди на продажба 5.499 акции со право на глас кои досега ги држеше во сопствен откуп. Оваа е една од одлуките на последното акционерско собрание со која се нудат на продажба 9,82 отсто од сите акции со право на глас во најголемата земјоделска компанија во Полог.
Во одлуката не е дефинирана цената по која ќе се понудат акциите на „Жито Полог“ туку тоа е оставено да го уреди извршниот директор согласно со законските овластувања. Акцијата на „Жито Полог“ во период од една година се тргувала во маргина од 517 денари за акција при што најниската цена била 1.800 денари, а највисоката пазарна цена достигнала 2.317 денари за акција. Номиналната вредност на акцијата е 50 евра, а книговодствено секоја акција вреди 8.070 денари.
Акционерите на „Жито Полог“ одлуката за продажба на сопствените акции ја носат со цел одржување на стабилноста на друштвото и усогласување со законските одредби.
Голема е веројатноста дека цената по која ќе бидат понудени овие акции да изнесува во рамки на пазарните цени што ги постигнала акцијата во последниот временски период. Можеби тоа ќе биде можност за најголемиот акционер кичевската трговска компанија „Сењак Ас“ кој сега поседува 18,12 отсто од акциите да купи поголем дел од сопствените акции и да стигне до максимално учество кое еден акционер може да го има без да даде јавна понуда за сите акции. А тоа би било до 25 отсто од сите акции со право на глас. Можеби и не е исклучена веројатноста за јавна понуда за сите акционери на „Жито Полог“. Но тоа е тешко веројатно затоа што компанијата лани во септември ја затвори пекарата за леб и погонот за производство на тестенини заради корона кризата, нелојална конкуренција како и увозот на поевтино брашно од Србија.
Голема стратешка предност на „Жито Полог“ е тоа што поседува силоси за складирање жито. Компанијата произведува и сточна храна, а има и сопствена малопродажна мрежа во полошкиот регион како и погон за печење леб и погон за производство на тестенини. Ланската година беше значајно послаба од 2019 година и според приходите, но и според остварената добивка. „Жито Полог“ вработува 80 лица од Тетово и неговата околина.
извор: faktor.mk