Заедно со протоколите за безбедно враќање во училиштето денеска беа презентирани на Главниот координативен кризен штаб.
Три сценарија се во игра за стартот на учебната година од први септември, најави Министерството за образование и наука. Заедно со протоколите за безбедно враќање во училиштето денеска беа презентирани на Главниот координативен кризен штаб.
„Министерството за образование и наука е подготвено за спроведување на сите три сценарија, но очекуваме да почнеме со првото сценарио. Сите во Владата сме согласни дека најдобро е сите ученици од први септември да се вратат во училишните клупи под протоколите за заштита од Ковид-19. Ова е првото и најпосакуваното сценарио, но сепак неговата примена ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заразни болести”, рече министерката за образование и наука.
Второто сценарио, рече министерката е да се оди со досегашниот хибриден модел, каде со физичко присуство настава следеа учениците од 1-4 одделение, додека останатите ученици наставата ја следеа на далечина.
Третото сценарио пак предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи со ротација на присуството на учениците на една недела.
Царовска уверува дека за сите три сценарија Министерството за образование и наука ќе биде подготвено од 1-ви септември.