Холандски предлог за намалување на загадувањето: Паричен надоместок за секој изминат километар од дома до работа
Со цел да го сведе аерозагадувањето на минимум, Холандија се сети на уште една мерка која многу веројатно ќе доведе до исполнување на посакуваната цел. Се работи за финансиски надомест за велосипедски труд за оние работници кои патот од дома до работа го поминуваат на две тркала.
Да излеземе од автомобилите и да седнеме на велосипеди. Сакам да го стимулирам возењето велосипед со цел да ги смениме навиките на дополнителни 200.000 луѓе кои се’ уште користат автомобил – изјави Стиентје ван Велдховен, заменик министер за инфраструктура и управување со водните ресурси, пренесува France24.
Секој велосипедист кој на работа оди со велосипед, според нејзиниот предлог ќе добие надоместок од 19 центи, односнo 11.49 денари за секој изминат километар од дома до работа и назад.
Исто така, се размислува за воведување на субвенции за купување на велосипед во соработка со компаниите кои продаваат велосипеди.
Холандија е вистински лидер кога станува збор за користењето на велосипеди: има 17 милиони жители и 22 милиони велосипеди. Речиси половина од работниците се оддалечени по 15 километри од својата работа, а холанѓаните долгорочното решение го гледаат во велосипедот.