Правилата и предусловите за патување во Грција, што вклучуваат документ поврзан за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, а меѓу другото, важат и за државјаните на Македонија, остануваат непроменети и се продолжени за уште една седмица, јави дописничката на МИА од Атина.
Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, веќе е објавена во Службен весник на Грција, стапи во 6 часот утрово, а важи до 15 јули 2021 година и за патување кај јужниот сосед предвидува задолжителен документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формулар.
Од Македонија во Грција може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, што работат 24 часа, исто како и останатите копнени гранични премини кон Албанија, Турција и Бугарија, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот по локално време.
Согласно министерската одлука, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување во Грција.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест. Или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Алтернативно, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест. Сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 6 месеци по позитивниот резултат.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.За деца до 12 години не е потребно ништо освен пасош и ПЛФ.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.