Поскапа струја, горива, намирници. Високи трошоци за живот и мали плати. Сето ова ги загрижува граѓаните кои очекуваат дека наскоро ќе имаме ценовен шок, а платите тапкаат во место. Покачувањето на струјата и еколошката такса ќе си го направат своето. Според граѓаните треба да се преземат мерки за зголемување на минималната плата, и на платите и пензиите воопшто. Граѓаните објаснуваат дека со примањата кои ги имаат тешко го поминуваат месецот.
Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет бара зголемување на платите. Бараат минималната да изнесува 60 отсто од просечната плата. Синдикалната кошничка за мај е зголемена за 180 денари. Вредноста на Синдикалната минимална кошница за мај 2021 година изнесува 34.156,00 денари.
- Дури и во вакви околности, зголемувањето на минималната плата е чувствително прашање кое бара сериозна и длабока економска анализа, од причина што може да предизвика други последици, како сива економија и даночна евазија. Исто така, тука би се осврнал и кон зголемената јавна потрошувачка, односно на презаситениот буџетски дефицит и енормното зголемување на јавниот долг, за кои е докажано дека водат кон зголемување на каматните стапки и т.н. „истиснување на приватните инвестиции од економијата“. Оттука, решението го гледаме во: воведување на прогресивен даночен систем, при што првенствено ќе се таргетираат приходите остварени по основ на сопственост на капитал и мерки за подобрување на деловната клима и поттикнување на конкурентноста, претприемништвото и вработувањето, вели Новески.
Вработените кои земаат најниски плати, и тоа во текстилот, кожарскиот сектор, трговијата, ќе бидат најзасегнати. Минималната плата сега е во висина од 15.200 денари.
извор: faktor.mk