Околу 74 отсто од младите во Македонија, на возраст од 18 до 34 години, сѐ уште живеат во примарното семејство, односно со родителите. Оваа бројка ги сместува младите од Македонија меѓу најнесамостојните во Европа
Средната возраст на која луѓето во Европа почнуваат да живеат самостојно е 26 години, но има сериозни разлики меѓу одделните земји. Во текот на 2017 година, младите луѓе од ЕУ што најрано ги напуштале домовите на своите родители се од северните европски земји: Шведска (21 година), Данска (21,1) и Финска (21,9), како и Луксембург (21,4). Потоа следуваат: Естонија (23,1), Белгија (23,4), Холандија и Германија (23,7), Франција (24) и Велика Британија (24,4).
На другиот крај на скалата се Малта и Хрватска, каде што младите најдоцна ги напуштаат домовите на своите родители – на 32,2 и 31,9 години. Исто така во подоцнежниот период од младоста, самостојно почнуваат да живеат и луѓето во Словачка (30,8), Италија (30,1), Грција (29,4), Шпанија (29,3), Португалија (29,2) и Бугарија (28,9).
Параметрите што ги испитува Евростат (па и некои други статистички истражувања) за просечната возраст на осамостојување на младите во Европа, речиси редовно ги потврдуваат традиционалните навики – најрано се осамостојуваат младите на северот на Европа, а колку што се оди појужно на континентот, младите сѐ подоцна покажуваат иницијатива за осамостојување.
Фасцинацијата е потрошена, а надворешниот свет е несигурен, додека некои традиционални вредности, како семејството нудат заштита. Кога на тоа ќе се додаде и конформизмот, можеби е поразбирливо зошто младите милениумци не брзаат со осамостојувањето –вели професорот по социологија, Илија Ацески.
Сепак, социологот Ацески смета дека ваквиот феномен на отсуство на желба за самостојност кај младите (од 18 до 34 години) во Македонија, најмногу се должи на економските причини. Односно и вработен млад човек не може да си дозволи самостоен живот надвор од родителскиот дом, дури и со поддршка на родителите. Уште повеќе таа несамостојност е изразена кога младите ќе формираат свои семејства.
– Општо познато е дека кај нас, во Македонија, голем е процентот на пензионери што ги издржуваат и семејствата на своите деца – илустративно објаснува Ацески.
izvor. Nova Makedonija