Документ поврзан со Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се непроменети и задолжителни за влез во Грција за туристите, вклучително и оние од Македонија, согласно новата министерска одлука што во шест часот утрово стапи во сила, а важи до 22 јули.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, па така, од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран.
Согласно министерската одлука, сите посетители, “независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Алтернативно, како што пишува во официјалната одлука, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележан Ковид по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен, карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена. На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, потребно е да направат ПЦР тест.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 до 5.000 евра.
извор: vecer.mk