Од утре во Грција стапува на сила одлука за забрана за влез на невакцинирани лица во затворени простории. Казната за оние кои не ја почитуваат оваа мерка е 300 евра, додека за оние кои ќе се обидат да го фалсификуваат сертификатот е 3.000 евра.
Поради влошената состојба со пандемијата во оваа земја, властите прават се за да ги намалат бројките зголемени во последните неколку недели. Во Грција во моментов има околу 3.000 заразени на дневна основа, што е седум пати повеќе од пред три недели.
Засега, препораката е да нема затворање, но од утре невакцинираните лица нема да можат да влегуваат во угостителски објекти, кина, театри и затворени простории воопшто. Овие простори ќе можат да се полнат до 75 проценти Постои апликација што ќе покаже дали некое лице е вакцинирано или не, што ќе се провери на влезот. Стапката на вакцинирани во Грција е околу 40 проценти, а планот е тој да биде околу 70 проценти до есента годинава, при што некои категории веројатно ќе имаат задолжителна вакцинација. На почетокот на есента, најверојатно ќе бидат вакцинирани вработените во домовите за стари лица, здравствените работници, но и оние кои имаат вработување во угостителски објекти, особено во кујни. Споменати се и студенти, но и оние кои работат во образованието, затоа што наскоро доаѓа учебната година.