Многу се мали шансите стакло во природа да предизвика пожар, вели Ефтим Митров, раководител на пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување. Тој објаснува дека е потребно да се поклопат повеќе фактори, за да дојде до запалување на стаклото во природа. Постои минимален ризик од обично стаклено шише фрлено во шума да избие пожар. Дополнително, не секој вид на стакло има иста реакција во допир со сонце и може да води кон појава на пожар.
„Потребно е да дојде до зумирање, да се фокусира светлината на едно место и да бидат исполнети многу фактори за да се случи стаклото на отворен простор да се запали. Истото се случува и со скршено огледало. Во 99 отсто од случаите пожарите се предизвикани од човечки фактор. Правен е тест на обука, со запалена цигара поставена на сува трева и доколку нема ветер тешко ќе дојде до пожар. Ваков обид е направен во контролирани услови. Пожарите многу брзо се шират во борова шума, при што шишарките пукаат, и се распрскуваат на оддалеченост од 20 метри“, вели Митров.
Додава дека пожарите на отворен постор брзо се шират и тешко се контролираат во услови на топлотен бран. Луѓето кои се добро упатени на темава, и држат обука за пожарникари, велат дека во шумите каде нема движење на луѓето, нема ниту фрлени стакла, а дури и да има, под сенка и под дебелите крошни мала е веројатноста дека ќе има опасност.
Во Македонија изгореа огромни површини со шума поради пожарите кои се шират на истокот од земјата. Во Општината Старо Нагоричане 59 годишна жена загина во пожарите. Во земјава е прогласена кризна состојба за период од 30 дена поради огнената стихија.
извор: faktor.mk