Скопското обвинителство бара судот да му изрече казна од 2.000 евра на сопственикот на ресторан во кој била организирана свадба во едната сала и прослава во другата сала, во услови на пандемија минатата година. Освен оваа казна, Обвинителството бара ресторанот како правно лице да плати глоба во износ од близу 5.000 евра.
Барањето за изрекување на глобите Основното јавно обвинителство Скопје го темели врз член 206 од Кривичниот законик - непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
„Обвинетото правно лице – ресторан и неговиот управител на 18.08.2020 година не постапиле согласно прописите со кои беа определени мерки за превенција и заштита на населението од заразни болести. Имено, при контрола од Државниот пазарен инспекторат во ресторанот било утврдено дека спротивно на протоколот за работа на угостителските објекти, во две целосно затворени сали на ресторанот се организирале прослави и се послужувале гости. Во едната сала била организирана свадба со околу 150 лица, а во другата – прослава со околу 20 лица“, соопшти скопското обвинителство.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за издавање казнен налог со кој предложи на обвинетиот управител да му биде определена парична казна од 100 дневни глоби со поединечна висина на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност, додека правното лице да биде казнето со парична казна од 300.000 денари.