Со новите мерки целосно се забранува одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено.
Од денеска стапуваат во сила новите рестриктивни мерки со кои за влез во угостителските објекти и на организирани настани ќе мора да се приложи сертификат за примени вакцини или потврда за прележан ковид-19 во изминатиот месец и половина. Со новите мерки целосно се забранува и одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено.
Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли.
Надлежните велат дека мерките се носат со цел да се заштити јавното здравје и да не се доведе државата во ситуација повторно да воведува локдаун и целосно затворање на одредени дејности.
И додека надлежните апелираат на масовна вакцинација за што поскоро нормализирање на состојбата, вчера во повеќе градови низ државата се одржаа протести против новите рестриктивни мерки. Според присутните, со новите мерки им се ускратува слободата на граѓаните, се кршат човековите права и се дискриминираат оние граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.
Новите рестриктивни мерки се носат по зголемување на бројот на новозаразени во изминатиот период. Вчера, Министерството за здравство регистрираше нови 807 случаи од направени 6.980 тестирања. Во изминатото деноноќие починаа 10 лица од кои најмладиот пациент е на 28-годишна возраст. Најголем број нови случаи вчера беа регистрирани во Скопје – 240 по што следуваа Гостивар со 138 и Тетово со 136 нови случаи.