Четиристотини евра во денарска против вредност изнесува паричната казна која ќе ви ја наплати државата во судска постапка, плус кривична пријава за незаконско снимање, поднесена од секој поединец чиј идентитет ќе биде утврден во снимениот материјал кој е прибавен со било каков вид камера, поставена во автомобил или во станбена зграда. Ова дело е казниво според Законот за лични податоци на Македонија.
Секој, кој веќе поставил камера во возилото или во зграда, без да има одобрение, буквално, од сите станари во зградата, должен е веднаш, пред да биде казнет да ја отстрани опремата за видео надзор.
Сопствениците на современите возила кои имаат фабрички инсталирани видео камера во ретровизорите или во задниот дел од автомобилот имаат опција сами да побараат од овластен сервис да им ја деактивира направата, бидејќи во Македонија како и секаде во ЕУ, снимањето на личните податоци и идентитетот на граѓаните на јавно место е забрането и казниво.
Многу од граѓаните, велат експертите, понесени од разни видео клипови, кои ги прават аматери од цел свет, инсталираат камери во своите автомобили, надевајќи се дека еден ден, таа снимка ќе можат да ја искористат како „доказ“ доколку им се случи некоја непридвидена ситуација.
Но, согласно член 369 став (1)од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18 и 83/18), само полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, согласно со закон.
skopje24.mk