Словенечката влада во однос мерките повторно ќе дискутира в четврток
На првиот ден од стапувањето во сила на заострените мерки против ковид во Словенија се забележува големо незадоволство кај невакцинираните, но засега не се регистрирани поголеми инциденти. Најголемото незадоволство е кај возачите кои ако немаат ковид-пропусница не можат на наточат гориво во својот автомобил.
Повеќето дистрибутери, меѓу нив и љубљански „Петрол“, кој го снабдува 60 отсто од пазарот на нафтени деривати во земјата, ригорозно го применува правилото ПВТ (прележани, вакцинирани, тестирани). Ова правило го донесе словенечката влада во саботата и тоа значи дека секој возач мора да прикаже соодветен документ доколку сака да наточи гориво во својот автомобил. Од оваа одлука изземени се само возачите на меѓународен транспорт кои имаат обврска да носат само заштитна маска.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, регистриран е еден инцидент на бензинските пумпи кога еден возач, незадоволен од образложението дека не може да наточи бензин без ковид-пропусница, седнал во своето возило и се заклучил, така што настанала голема редица од возила. Набрзо интервенирала полицијата, а возилото било дислоцирано со пајак-служба.
Според тамошните медиуми, еден ден пред да стапат во сила новите мерки бил значително зголемен прометот на бензинските пумпи, но медиумите наведуваат дека не е точно оти многумина полнеле и дополнителни резерви на гориво за да се обезбедат додека траат рестрикциите.
Владата на Словенија ги донесе овие мерки бидејќи во земјата нагло порасна бројот на новозаразени и не исклучува можност да се воведат и нови рестрикции доколку не се зголеми бројот на вакцинирани и не опадне бројот на хоспитализирани од ковид.
Во последните два дена во Словенија се регистрирани речиси 2 000 нови заразени со коронавирусот, а починати се шест пациенти. Во моментот хоспитализирани се 347 пациенти од кои 75 се на интензивна нега.
Словенечката влада во однос мерките повторно ќе дискутира в четврток.