Шеснаесет големи авиокомпании се обврзаа во иднина побрзо да ги обесштетуваат патниците за откажаните летови во пандемијата. Парите би требало да се вратат назад во рок од седум дена.
Муштериите на шеснаесет авиокомпании, меѓу кои и Визер, Луфтханза, Рајанер, Еуровингс, Изиџет, Ер Франс и ТАП, во иднина ќе ги добиваат поедноставно назад своите пари за откажаните летови во време на корона-пандемијата. Освен тоа, авиокомпаниите сакаат и подобро да ги информираат своите гости за нивните права.
Европската комисија соопшти дека ваков договор е постигнат во дијалогот помеѓу институциите за заштита на потрошувачите, авиокомпаниите и Комисијата. Патниците на 16-те авиокомпании во случаите со сторнирани летови ќе треба да ги добиваат парите назад во рок од седум дена, како што е и предвидено со прописите на ЕУ за заштита на потрошувачите.
„Ова е одлучувачки за да се воспостави повторно довербата на потрошувачите“, изјави еврокомесарката надлежна за сообраќај, Адина Валеан.
Многу авиокомпании на почетокот на пандемијата масовно ги кршеа правата на своите муштерии. На пример, патниците, меѓу другото, беа присилувани да прифаќаат ваучери за откажаните летови, иако за тоа требало да биде дадено парично обесштетување. Сега повеќето авиокомпании се согласија да ги исплатат ваучерите кои досега не се искористени. Националните сообраќајни власти ќе треба уште да одлучат како да се постапува во случаи во кои ваучерите не се исплатени.
Извор: dw.com/mk