Модните брендови го сменија начинот на работење во услови на пандемија, напуштајќи ги глобалните синџири на снабдување и евтините производствени центри во Азија, можеби и на долго време.
Италијанскиот Бенетон веќе го проширува производството во Хрватска, Србија, Турција, Тунис и Египет и планира да го преполови својот капацитет во Азија до крајот на следната година, изјави извршниот директор на компанијата Масимо Ренон, пренесува Вечерњи лист.
“Стратешка одлука е да се има поголема контрола над производствениот процес, но и трошоците за транспорт“, објаснува шефот на италијанската модна куќа, додавајќи дека групата веќе преместила повеќе од 10 проценти од производството од земји како Бангладеш, Виетнам, Кина и Индија.
Денес, контејнер за испорака, кој чинеше 1.200-1.500 долари, може да чини од 10 до 15 илјади долари, а датумот на испорака не е сигурен“, објаснува Ренон.
Недостаток на бродови
“Поради недостаток на бродови, просечните рокови за испорака од Азија се зголемија од поранешните четири на пет месеци до денешните седум до осум“, додаде тој.
За споредба, кога произведувате облека во Египет, времето на испорака до магацините и продавниците во Европа може да се скрати на два или два и пол месеци, рече Ренон. За облеката која Бенетон ја произведува во Хрватска и Србија, може да потрае само четири до пет недели, додаде тој. Затоа компанијата планира да го зголеми производството во Хрватска, Србија и Тунис, објаснува тој.
Производителите кои ќе одлучат да го приближат производството до пазарите, најверојатно нема да ја сменат стратегијата во блиска иднина, со оглед на парите инвестирани во новиот модел.
Новиот извршен директор на Хуго Бос, Даниел Грајдер, во септември рече дека очекува во иднина да произведе повеќе стоки поблиску до продажните места. Компанијата има свој производствен погон во Турција, произведува делови за чевли во Италија и костуми во седиштето во Мецинген, Германија.
“Значително ќе ги прошириме тие локации, бидејќи, меѓу другото, ќе ни овозможи побрзо да реагираме на трендовите и да бидеме пофлексибилни кога ќе се појават нарушувања во снабдувањето“, рече Грајдер.