Љубинка Костовска, HR Асистент во Киел Македонија - Среќна сум што нашиот штанд од претходниот Регионален саем за вработување беше еден од најпосетуваните. Зголемен беше обемот на апликации и секако, некои од нив сега веќе се дел од нашиот тим!
Компанијата Киел на наше големо задоволство, годинава повторно ќе ја имаме како брендиран изложувач на Најголемиот регионален саем за вработување кој ќе се одржи онлајн во период од 13 - 20 октомври на платформата www.regionalensaemzavrabotuvanje.com. Токму од таа причина направивме интервју со Љубинка Костовска, HR Асистент во Киел Македонија која одблизу ни ги долови сегашните состојби во компанијата, плановите за иднина, очекувањата од саемот, но и што е пресудно за еден кандидат да стане дел од нивниот тим.
Прочитајте го целото интервју во продолжение.
Киел е една од најголемите инвестициски компании во регионот. Што сметате дека ја издвојува од аспект на пристап и начин на работа?
- Киел се издвојува од останатите прво во самиот процес на прозводство кој што го имаме, каде на крајот добивате финален производ кој изгледа многу убаво, квалитетно произведен и служи на својата намена. Квалитетот ни е на прво место, а секако и услугата која ја добиваат нашите клиенти. Пристапот кон вработените, начинот на работа, следење на сите законски правила и норми кои им следуваат на вработените, како и сите останати бенефити кои ги уживаат дополнително. Се трудиме да ги мотивираме вработените и да одговориме на сите барања со соработка и меѓусебна спогодба и поддршка.
Кажете ни нешто повеќе за вашиот тим? Колку вработени има Киел Македонија и дали беше тешко да се формира и обучи таков тим?
- Моментално Киел Македонија брои вкупно 138 вработени, а HR тимот брои вкупно 3-ца вработени. Секоја позиција си има свои предизвици и предности и секогаш е неизвесно дали ќе успеете да најдете соодветен кандидат за потребното работно место. Затоа се врши и еден вид проценка на способности на секое интервју каде што може да се оцени дали и каде кандидатот би се вклопил најдобро. Се случува кандидат пријавен за една позиција да согледаме дека подобро би придонел и би напредувал на друга позиција.
Што е пресудно за да некој стане дел од вашиот тим? Дипломата или вештините?
- За било што да го работите успешно и да напредувате најпрво пресудна е желбата. Кандидатот треба да сака да учи, да напредува, да се развива заедно со тимот и да сака да допринесува во целокупниот развој, доколку некој сака да стане дел од компанијата колку да најде работа и да му помине денот нема да издржи многу долго време во било која фабрика бидејќи производниот процес е како повеќе ротирачки запчаници, мора да работат заедно за да може да се движат непречено во исто време, доколку еден застане и останатите нема да може да се поместат. Вештините и искуството се секогаш во прв план секако, имаме вработени кои почнале на пониски позициии со дополнителен развој, надоградување и мотивација стигнале до повисока позиција. Секако дипломата носи свои предности, но не секогаш е вистински доказ за стекнатите вештини.
Дел од начинот на работа на Киел Групацијата е постојано да им се овозможува на вработените да се развиваат во рамки на групацијата преку обуки, шанси за напредок и слично. Колку и како ова се применува во Киел Македонија?
- Вработените се најголемиот капитал во една компанија и доколку не вложувате и не се грижите за вашиот капитал нема да може да напредувате. Вработените во Киел имаат можност да посетуваат различни обуки, како во странство, така и во нашата земја. Во моментот имаме активна обука за јазици и Office пекетите. Од годинава започнавме и со проектот Дуално образование каде што млади луѓе од средно училиште во Тетово ќе имаат можност преку пракса да се запознаат и да се образуваат во процесите на производството каде понатаму имаат шанса и за вработување.
Киел Македонија годинава повторно ќе биде учесник на Најголемиот регионален саем за вработување, каде ќе ја претставите компанијата преку својот брендиран штанд. Каква понуда на огласи и за какви профили може да очекуваат кандидатите кои ќе го посетат штандот?
- Со прифаќањето на нови проекти, имаме зголемен обем на работа во сите оддели! Главно ќе се посветиме на позиции што произлегуваат од Логистика, Производство и Инженеринг но, не ги изоставаме и останатите оддели.
Што би им препорачале на оние чии апликации ќе бидат одбрани, како да се подготват за интервјуто за работа во Киел Македонија?
- Да бидат свои. Да бидат искрени за своите можности, способности и желби, да ги искажат своите очекувања и ставови. Има и кандидати кои поради некои причини не ги кажуваат своите мислења и очекувања и подоцна за жал сознаваат дека не се вистинските, или не се доволно спремни за тоа работно место. Кандидатите покрај образованието и вештините се одбираат и според нивниот карактер, какви се тие самите како луѓе, дали се спремни да му помогнат на тимот, на колегите, дали умеат да се справат со предизвици, како реагираат во состојба на конфликт, дали се спремни да се вложат за подобрување во одредени области, се тоа придонесува да се одбере правиот кандидат.
Какво е вашето искуство од претходното учество на Регионалниот саем за вработување? Дали денешниот тим на Киел Македонија има вработени со кои за прв пат се сретнавте на саемот?
- Среќна сум што нашиот штанд од претходниот Регионален саем за вработување беше еден од најпосетуваните. Зголемен беше обемот на апликации и секако, некои од нив сега веќе се дел од нашиот тим!
Кажете ни нешто повеќе за идните планови на Киел Македонија. Дали планирате проширување на тимот и нови вработувања, или можеби отворање на нови погони или фабрики низ Македонија?
- Киел Македонија веќе активно работи на проширување на своите тимови, а со учество на овогодинешниот саем се надеваме дека ќе постигнеме успех во нашите очекувања. Во подготовка и планирање е и нов објект, односно нова поголема фабрика каде ќе има повеќе оддели, поголемо производство и секако многу нови вработувања.
Киел Македонија е еден од водечките производители на иновативни транзитни системи за седишта за комерцијални возила и возила за јавен превоз, вклучувајќи решенија за седење за автобуси и возови на локално, регионално и меѓуградско ниво. Киел има свои компании лоцирани во Германија, Полска, Турција, Холандија, Македонија, Шпанија, Франција, САД и Русија и околу 1.700 вработени.
ПОВЕЌЕ ЗА КОМПАНИЈАТА, РАБОТНИТЕ УСЛОВИ, ТИМОТ И СЕ ШТО ВЕ ИНТЕРЕСИРА ЌЕ МОЖЕТЕ ДА ДОЗНАЕТЕ НА ШТАНДОТ НА КИЕЛ НА НАЈГОЛЕМИОТ РЕГИОНАЛЕН САЕМ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ КОЈ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО ВИРТУЕЛНО ИЗДАНИЕ ОД 13-20 ОКТОМВРИ 2021.
Ве очекуваме!