Нови 4.602 лица станале невработени во текот на септември, а уште 904 за прв пат се запишале на тој список.
Сепак, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, невработеноста во државата продолжува да опаѓа, што е тренд од почетокот на годинава. Во септември како невработени кои активно бараат работа се регистрирани вкупно 135.605 лица, што е за нешто над 23 илјади помалку отколку на почетокот на годинава, кога на списокот на невработени биле 158.681 лице. Како пасивни баратели на работа се пријавени 55.378 невработени, или околу 35 илјади помалку отколку во јануари кога ги имало 90.293.
Податоците од Агенцијата укажуваат и на пад на бројот на лицата кои го изгубиле работното место како последица на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Сега ги има околу 16 илјади, за разлика од крајот на минатата година кога бројката надминуваше 18 илјади.
На 30.09.2021 година евидентирани се 16.215 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19 вирусот, појаснуваат од Агенцијата.
На крајот на септември најмногу пријавени невработени има во Скопје – 28.441, Тетово – 16.726 и Куманово – 14.406.
Од почетокот на годинава до крајот на септември се реализирани 147.087 вработувања. И понатаму работодавците повеќе нудат договори за вработување на определено време. Па така, од нововработените трајно се вработени околу 61 илјада, а на определено време и сезонски повеќе од 86 илјади лица. Над половината од лицата за кои Агенцијата примила пријави за заснован работен однос не биле на ниту една евиденција на невработени, што може да значи дека дел од нив воопшто не биле без работа, туку само им бил продолжен договорот на определено време или трансформиран во договор за работа на неопределено време.
Понудата на работа, пак, е ограничена на главниот град. Според актуелните огласи во Скопје има повеќе од 4.700 слободни работни места, додека во следниот град според бројот на огласи, Тетово, понудата е десет пати помала.
Дејности на кои најмногу им се потребни работници се преработувачката индустрија, трговијата и објектите за сместување и сервисните дејности со храна. Најбарани занимања се продавач, хигиеничар, општ работник, келнер, возач на камион и шивач. Од професиите за кои е потребен повисок степен на образование, најбарани се програмер и администратор.