Недостигот на работна сила, зголемените цени на природниот гас и глобалните ограничувања во синџирот на снабдување навестуваат тешка зима за Обединетото Кралство. Растечката потрошувачка што дојде со отворањето на економиите, создава слични проблеми низ целиот свет, но економистите велат дека „Брегзит“ ги влошува тие проблеми во Британија.
Недостатокот на работници влијае на голем број сектори низ целата земја. Недостатокот на возачи на камиони се очекува да достигне 100.000. Ова во голема мера им се препишува на граѓаните на ЕУ кои ја напуштија земјата по „Брегзит“. Недостатокот на возачи на камиони го наруши снабдувањето, а некои полици на продавниците останаа празни. Бензинските станици останаа без гориво, што предизвика паника, пишува „CNBC“.
И потпретседателот на Националната унија на фармери на Обединетото кралство рече дека недостатокот на работна сила во синџирот на снабдување со храна останува сериозен.
Сите индустрии, вклучително и машинското инженерство и транспортот, доживуваат сериозен недостаток на работна сила.
Според Конфедерацијата на британска индустрија, која претставува 190.000 компании, 70% од компаниите планираат да ги зголемат платите во обид да се справат со недостатокот на работна сила.
Владата на Обединетото Кралство сепак издаде илјадници привремени визи за возачи на камиони, касапи и земјоделски работници, но некои критичари велат дека тоа не е доволно.