Порталот Vrabotuvanje.com.mk во рамките на Регионалниот онлајн саем за вработување во Македонија спроведе истражување со цел да се откријат сличностите и разликите во условите за работа во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Македонија.
Во истражувањето во кое учествуваа и водечките портали за вработување во Србија (Poslovi.Infostud), Хрватска (MojPosao) и Босна и Херцеговина (Posao.ba), Словенија (Deloglasnik.si) беа опфатени над 5.000 испитаници, од кои речиси 1.000 од Македонија. Од испитаниците во Македонија, 54% се вработени, 39% се невработени и 7% се студенти.
На прашањето Што ви е најважно на работното место/при избор на работодавач, на кое испитаниците имаа опција да изберат максимум 3 одговори, најголем дел од нив (69%) се изјасниле дека платата е пресудна. Вториот критериум најважен за избор на работно место или работодавач се добрите меѓучовечки односи (61%). Овој податок е само потврда на многуте истражувања и анкети кои укажуваат на важноста на атмосферата во вашата компанија, тимот и компаниската култура која ја негувате. Потребно е да се грижите за овој сегмент од работењето, но уште поважно е да истото да го презентирате преку соодветни канали на комуникација, за да преку “word of mouth” допрете до што повеќе потенцијални кандидати.
Радува фактот што можноста за учење и напредок е трет избор на испитаниците, со 39%. Ова значи дека македонците сакаат да учат и да се надоградуваат. 36% се изјасниле дека работното време им е важен фактор при избор на работното место.
За флексибилно работно време се одлучиле 18% од испитаниците, безбедност на работното место 12%, а локацијата на компанијата им е важна на 10% од испитаниците.
Останатите фактори како природа на работата, менторство, општествена одговорност и имиџ на компанијата се застапени со нешто помалку од 10%.
Следен сегмент од истражувањето е прашањето Што според вас е најважно за добивање на работата?
Мотивацијата и подготвеноста за работа е најважна според 35% од испитаниците, 24% се одлучиле за знаењата и вештините кои ги поседуваат, а 20% се потпираат на работното искуство.
Останатите фактори како препораки, формално образование, познанства, среќа и партиска припадност, се застапени со нешто помалку од 10%.
Интересен е фактот што само 2% од испитаниците размислуваат дека формалното образовние е најважно за добивање на работа.
Овој податок покажува дека имаме кандидати кои се подготвени да се адаптираат, дообучат и да прифатат работа која не им е „по струка.“