Дигитализација на универзитетите, поголема поддршка и помош од државата, квалитетна практична настава, иновативен пристап од професорите и поголем буџет за високото образование, е она што бараат студентите во земјава.
Студентската борба сè уште трае, вели Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Потребна ни е поголема финансиска автономија за да се ослободиме од постојаното зависење од милион спори и тромави институции, или пак од политичката ситуација, која на крајот на денот навистина не треба да нè засега. Моментално законите и бирократските процедури нè ставаат во позиција да мораме да зависиме, да чекаме и да се молиме, и на овој начин се задушува нашиот глас кој инаку би одекнал“, вели Цветковска.
На прашањата што беа поставени на страницата „Студентарија“ на Инстаграм, студентите ги истакнаа најголемите предизвици со кои се соочуваат на патот до стекнување диплома. Според одговорите, студентите најмногу се загрижени за тоа како финансиски да ги истуркаат студентските денови.
Од годинава, среде здравствената криза, Министерството за образование и наука (МОН) воведе низа мерки за помош на студентите, меѓу кои покачени стипендии и субвенциониран студентски оброк. Овие мерки се од голема помош за студентскиот живот, но финансискиот товар потребен за студирање нè притиска, велат студентите.
„Најголем предизвик е да преживеам како студент. Редовен студент сум, а истовремено работам за да ги покријам трошоците за студии. Претешко ми е, но не се откажувам“, вели една од студентките.
„Стипендиите и субвенционираниот оброк како плус приходи се од голема помош. Но, социјалната стипендија е мала. Сумата која ја добиваме не е доволна за да се купат книги и потребните работи за да се студира, а камо ли за студентски живот“, вели друга студентка.
“Ако приоритет на една држава е паметна младина, тогаш треба да инвестираат во нас и да ни ја овозможат комоцијата да се посветиме на нашите студии, зашто немаме време и да се вработиме и да учиме“, вели Цветковска.
Онлајн настава без пракса, немотивирани студенти и кадри
Проблем при студирањето е и непостоењето на пракса на голем дел од студиските програми, поради што студентите стравуваат дека ќе останат неуки и неподготвени за излегување на пазарот на трудот. Недостатокот на практична настава особено се истакна изминативе две години, кога поради пандемијата, студентите почнаа да следат онлајн настава.
Онлајн наставата, која во моментов е најчест модел на настава на факултетите низ земјава, негативно влијае врз квалитетот на образованието. Студентите велат дека немаат мотивација ниту волја за учење и следење на предавањата, а признаваат и дека при полагањето на испитите од дома прибегнуваат кон препишување. На професорите, пак, велат дека им недостасува креативност и иновативен пристап при презентирањето на лекциите.
Oнлајн наставата ќе прерасне во уште погoлем предизвик во иднина, со кој овие генерации на студенти ќе треба да се соочуваат заради моменталната ситуација.
Мислењата на студентите околу студентскиот стандард се поделени. Повеќето се согласуваат дека мерките кои властите ги преземаат за поддршка на студентите значително го олеснуваат животот погоден од здравствената криза, но потребно е системот за поддршка да биде поорганизиран.
„Студентскиот стандард не е на завидно ниво, и неговото издигнување не оди преку ноќ, но сепак сметам дека пополека оди на подобро. Наше е да бидеме трпеливи и паметни“, вели Цветковска.
Од страна на државните институции, реакциите варираат – некогаш се позитивни, некогаш негативни и неретко, задоцнети. Студентите најмногу му замеруваат на МОН за начинот на кој им го „сервира“ студентскиот оброк – со системски грешки и опомени пред тужба.
Цветковска додава дека студентите имаат членови во телото Млади МОН кое служи како канал за насочување на нивните барања до Министерството. Субвенционираниот студентски оброк и покачувањето на стипендиите биле барањата кои тие ги наметнале, а МОН ги прифатиле.
Цветковска додава дека инсистираат и на зголемување на буџетот за образование, кој во земјава во моментов изнесува 3,5 отсто од буџетот, додека стандардот во развиените европски земји изнесува 5 отсто.
„Потребен е нов механизам за финансирање на високообразовните институции, кој ќе ја обезбеди финансиската автономија на универзитетите, а воедно ќе ја гарантира и финансиската стабилност и одржливост на долг рок, зашто моменталната негова неефикасност најмногу се одразува на квалитетот на образованието и стандардот на студентите“, тврди Цветковска.
За студентите, најкорисна мерка која тие ја уживаат е бесплатниот градски превоз во Скопје, за кој велат дека претставува големо олеснување за студентскиот буџет. Бараат враќање и на бесплатните студентски билети за воз, како и враќање на попустите за посета на театри, кина и музеи.