Животната приказна на штркот, кој беше згрижен по пад од гнездо во обид да го направи првиот лет во животот, е полна со емоции. Таа е доказ дека се уште има човечко во луѓето и оти постои посебна пријателска хемија помеѓу љубителите на природата и екологијата и останатиот животински свет.
Сé почнало пред неколку месеци, кога ова младо штркче изглегло од родителското гнездо, со намера да лета низ небесната шир, како и останатите членови од птичјото семејство. Но, од непознати причини, наместо во царството на небесните височини, тоа завршило на улица, удирајќи во асфалтот. Паднало од гнездото по неуспешниот прв лет.
– Не знаеме како и зошто дошло до падот. За среќа, штркчето останало живо, иако со видливи повреди. Мештани кои живеат во тој дел на градот близу до нас, се погрижиле младата птица да не биде изедена од некое животно или згазена од автомобил. Една недела штркчето беше згрижено од соседите. Знаејќи дека на неготинска територија долги години функционира регионалното Здружение на граѓани за заштита на природата, „Ековита”, тие го донесоа повреденото душиче кај нас. Ја презедовме грижата за него, раскажа претседателот на Здружението, Сашко Тодоров.
Следувал период на рехабилитација и заздравување.
– Јас и мојата сопруга Маја сме дипломирани инжинери биолози и направивме се што беше во рамки на нашите можности, да му помогнеме на штркчето да си ја врати силата и да биде во форма. Со месеци редовно го храниме и го негуваме. Во почеткот не можеше да лета, а додека заздравуваше штрковите заминаа за југ, тоа остана во Неготино. Ќерката Кристина, му го даде името Симо. Се обидовме да го сместиме во соодветна институција кадешто би можело да биде во друштво на други животни и птици, но не успеавме во тоа. Затоа одлучивме привремено да остане кај нас, на сигурно, да го негуваме до пролет и тогаш да го пуштиме во природата, кога ќе дојдат преселните птици а со нив и штрковите, од топлите краишта. Ако сега го пуштиме, времето е студено и нема да може да се снајде, па може да умре без храна. Во семејниот двор друштво му прават нашите кучиња и тие веќе се спријателија со него. Симо веќе порасна и може да лета. Нека пукне пролет, па слободно ќе може да биде таму, каде што судбината го одредила неговото постоење, ми раскажа Тодоров.
Додека да дојде пролет, Симо редовно добива храна, љубов и внимание.
– Има специфично мени, бидејќи е месојадна птица, одгледуваме различни видови инсекти со цел да му обезбедиме природна свежа храна, со цел на пролет самостојно да продолжи да живее, дециден беше Тодоров.
Тој појасни дека штрковите се нежни, мирни, друштвени и грациозни животни, а не се плашат многу од човекот.
– Ние Симо го прифативме кај нас дома како член на семејството. Живееме до парк каде редовно го пуштаме да се истрча и да полета малку. Со својата појава, тој е атракција, особено за децата кои имаат можност во живо да видат штрк. Можете да се уверите дека тој веќе некое време е главен фраер во нашето маало, додаде екологистот.