Растот на цените на становите достигнува и до 40 отсто, а тој се должи на повеќе фактори, меѓу кои главно учество имаат порастот на цените на градежните материјали, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор кој влијае на зголемување на цената на крајниот производи, како и на ограничување на понудата, што се јавува како последица на мораториумите за градење и суспендирањето на деталните урбанистички планови, изјави Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори за МИА.
Цената на становите во Скопје бележи постојан раст од почетокот на годинава. Во третиот квартал годинава, според податоците на Народната банка, недвижностите поскапеле за 5,9 отсто. Во првиот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2 отсто, а во вториот 4 отсто. Тоа резултираше квадратен метар станбена површина да достигне 1.500 евра во општини како Центар и Карпош, а според одредени градежници, цената може да стаса и од 2.000 евра. Во услови на голема побарувачка, како што велат, понудата во одредени подрачја е намалена поради мораториумите за градење во изминатите години.
„Вртоглавиот” раст, како што го квалификуваат носителите на бизнисот со недвижности, се должи на повеќе фактори: немањето доволно локации за градење, блокираните детални урбанистички планови и неносењето нови, порастот на цената на градежните материјали, но и на работната сила, која сè почесто заминува во странство.
Салим Хасани, претседател Групацијата на градежништво при Стопанската комора на Северозападна Македонија вели дека порастот на цените на становите во Скопје е резултат на повеќе фактори, кои имаат директно и индиректно влијание. Како поважни ги набројува немањето доволни локации за градење во атрактивните зони, блокирањето на неколкуте ДУП-ови во некои општини во претходниот период, како и неносењето нови ДУП-ови за формирање нови локаци по општините.
Сето ова, вели, влијае на намалување на новите градби и зголемување на цената на локаците што директно влијае на цената на становите. Како друга директна причина е порастот на цените на градежните материјали и енергентите, каде што порастот е од 20 до 100 проценти, а исто така имаме пораст и на цените за работната сила. Сето ова збирно ги покачи цените на становите за околу 30 проценти, вели Хасани за МИА.
Понудата е поголема во зоните каде што во поранешниот период имаше повеќе локаци за градба, како што се општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Чаир…
– Се нудат квалитетни градби со подобар дизајн и современи материјали во однос на претходните градби. Додека побарувачката на нови станови е голема особено во Центар, Карпош и Аеродром. Но, не заостанува и во другите општини, како што се Гази Баба, Кисела Вода, Бутел и Чаир. Претежно се бараат мали станови со добра организација и поглед, посочува Хасани.
Поскапуваат становите и на атрактивните и на локациите со помала трансакциска активност
Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија посочуваат дека прогнозите на градежните компании се остваруваат, цените на становите од почетокот на годината бележат евидентен раст, особено во подрачјата што се сметаат за атрактивни локации. Растот на цените на становите, како што велат во изјава за МИА, се должи на повеќе фактори, во најголем дел на поскапувањата на градежните материјали, меѓутоа и на генералното поскапување на услугите, репроматеријалите и другите добра.
– Побарувачката е голема, со оглед дека недвижностите се покажаа како сигурна инвестиција за време на коронавирус-кризата. Граѓаните го препознаа инвестирањето во недвижностите како креирање додадена вредност во нивните буџети особено во време на тивка инфлација, поради што сметаме дека побарувачката нема да опадне и недвижностите ќе бидат атрактивни и во следниот период. Понудата во одредени подрачја е очекувано намалена поради мораториумите за градење изминатите години, велат од Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите.
Се залагаме, посочуваат, за подигнување на квалитетот на градбите, па во таа насока сметаме дека и граѓаните треба да се стремат кон купување на квалитетни градби и квалитетот да ја одредува цената, со цел да не настане ситуација во услови на намалена понуда на станови на одредени подрачја, цената да ја одредува исклучиво зголемената побарувачка за градби на атрактивни локации.
Цените на становите во подрачјата со помала трансакциска активност исто така растат иако, како што велат од Здружението, тоа не зависи од побарувачката, туку поради порастот на цените на градежните производи, услугите, суровините… едноставно изградбата е поскапа.
– Растот на цените на становите достигнува и до 40 отсто, а тој се должи на повеќе фактори, меѓу кои главно учество имаат порастот на цените на градежните материјали, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор кој влијае на зголемување на цената на крајниот производи, како и на ограничување на понудата, што се јавува како последица на мораториумите за градење и суспендирањето на деталните урбанистички планови, изјави Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори за МИА.
Најмногу нови дозволи за градба во Полошко, најмалку во Пелагониско
Последните официјални податоци за издадени одобренија за градење се за септември годинава кога биле издадени 318 одобренија за градење, што е за 28,2 проценти повеќе во однос на септември лани. Најголем број одобренија се во Полошкиот регион, 66, по што следуваат Скопскиот регион, 62, Југоисточниот, 53, Вардардскиот 46… Најмалку дозволи за градба, 17, се издадени во Пелагонискиот регион.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во извештајниот период е предвидена изградба на 618 станови, со вкупна корисна површина од 56 849 квадратни метри. Најмногу станови ќе се градат во Скопскиот регион, 216, од кои 196 се во Општина Гази Баба. Меѓу општините со пoголем број планирани нови станови се и Струмица, 87, Гевгелија, 86, Гостивар, 76, Дебар, 40…