Јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар (ПОЦ) не планира да ги намалува постојните цени за паркирање на паркинзите со коишто стопанисува во центарот на Скопје.
"Имајќи предвид дека сите јавни институции и приватни компании се лоцирани во центарот на градот, доколку ги намалиме цените за паркирање ќе ги поттикнеме граѓаните да ги користат своите автомобили повеќе и ќе предизвикаме поголем сообраќаен хаос и узурпација на паркинзите за резиденти кои се обидуваме да им ги обезбедиме на жителите од општината“, објаснуваат од ПОЦ.
Од претпријатието велат дека намалувањето на цените за паркирање од ЈП „Градски паркинг“ ќе го зголеми притисокот врз паркиралиштата со кои тие стопанисуваат, но тие се надеваат оти ќе се намали притисокот за паркирање врз резидентните паркиралишта на ПОЦ.
„ЈП ПОЦ ќе продолжи да работи во насока намалување на комерцијални паркиралишта (паркиралишта со смс наплата) и зголемување на резидентни паркиралишта со цел да се обезбедат повеќе паркинг места за жителите и да им се овозможи полесен и побезбеден пристап до нивните домови“, информираат од јавното претпријатие.
Извор: meta.mk