ССМ ги потсетува газдите на фирмите но и директорите во јавниот сектор да исплатат К 15 за вработените.
Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.
Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор
Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата
На барање на ССМ, работодавачите добија поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор, а со таквото даночно ослободување до 80% од просечната плата, е надмината пречката работодавачите да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот во висина од 40%.
Во голем дел на компании каде што синдикатите здружени во ССМ имаат синдикални организации, работодавачите веќе исплаќаат регрес за годишен одмор во висина и од 100% од основницата.
Сознанијата говорат дека ова право од кое зависи здравјето и продуктивноста на работниците во работниот процес минатата година околу 90% од работниците кои се членови на синдикат го оствариле, а очекуваме така да биде и оваа година, па поради тоа апелираме до другите работници да се приклучат кон синдикат во ССМ.
Апелираме до работодавачите во приватниот и во јавниот сектор каде што ова работничко право е уредено со колективен договор да го исполнат истото во најскоро време имајки во предвид дека нема никакви законски ограничувања и истото претставува уредено право согласно со Закон и Колективен договор и претставува редовна исплата.
На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права Google Play, за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.
Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос, а по пријава од ССМ и добро воспоставената соработка со ДИТ, инспекторите веднаш излегуваат на терен и доколку има, констатираат неправилност и ги задолжуваат работодавачите да постапат согласно Колективен договор и да го исплатат ова право на работниците.
Потсетуваме дека за неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ , Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително придонесува за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците, а за минатата година веќе се поднесени неколку Кривични пријави од страна на ССМ.
Извор: faktor.mk