Недостигот не само на доктори, туку на севкупен медицински кадар во земјава веќе подолго време е горчлива рана низ здравствените установи во државата. Ако со години се зборуваше дека поголем е недостигот на лекари во градовите во внатрешноста на земјата, токму од почетокот на пандемијата со сигурост може да се каже состојбата со одлив на медицински кадар е критична и во Скопје.
Иселувањата на стручен медицински персонал траат со години, а и трансферите од државните во приватните клиники во земјава се чести. Реакциите поради недостиг на лекари и медицински сестри во јавното здравство се бројни и на социјалните мрежи, особено што овој кадар во тие установи во овој период е столбот во третманот на пациентите со ковид-19, но и поради фактот што, особено, во екот на пандемијата секој човек во здравството е повеќе од важен и потребен.
Засега системот на ротации на докторите и медициснкиот персонал обезбедува да се покрие дефицитот на кадар онаму каде е потребно, но не смее да се заборави дека тој кадар кој е на располагање веќе речиси две години е сериозно исцрпен?
Лекарската комора нема точна евиденција колку лекари се одлеале од јавното во приватно здравство, но и надвор од државата од започнувањето на пандемијата, но има податоци колкумина доктори побарале потврди кои им се неопходни за работа во странство.
Кои се ветените земји за лекарите?
Во овој период, како што објаснуваат од здруженијата на специјализантите, Хрватска е првата дестинација каде заминуваат лекарите и медицинарите, а идинината ја гледаат и во Германија, Швајцарија и скандинавските држави, каде имаат поголеми шанси за развој и напредок.
Согласно своите надлежности, Лекарската комора им издава потврда на докторите, кои се нејзини членови, а им се потребни за едукација надвор од земјава.
Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти, како и на оние што заминуваат да живеат и работат надвор од земјава – посочуваат оттаму.
Од почетокот на годинава до октомври, до Лекарската комора биле поднесени 121 барање за потврди за странство.
Во 2020 година биле поднесени 110 барања, додека во 2019 година дури 170 барања. Околу 25 доктори секоја година повторно бараат да им се издаде ваква потврда.
Според статистиките, во земјава имаме 270 лекари на 100 илјади жители, што е за 22% помалку од европскиот просек. Се пресметува дека во последните 10 години, секоја година си заминувале по околу 200 лекари, број кој е еднаков со годишниот просек на студентите кои завршуваат студии по медицина, што значи дека – колку нови лекари дипломираат, толку лекари ја напуштаат земјава на годишно ниво.
Последниот Попис на население ќе покаже колку медицински кадар недостига.
Извор: novamakedonija.com.mk