Граѓаните на Македонија денеска ќе го прослават доаѓањето на Новата 2022 година без строги антиковид мерки. Ќе се слави и во локалите, кафулињата, рестораните, како и на плоштадите. Здравствените власти со денови наназад уверуваат дека епидемиолошката состојба е мирна и дека нема притисок врз здравствениот систем, односно нема приеми во болниците заради што и нема потреба да се воведуваат најстрогите рестиктивни мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.
-Лани ова време имавме сосема поинаква ситуација. Ковид-центрите беа преполни со над 1.000 хоспитализирани, како и огромен број новозаразени. Немаше ниту вакцини, ниту пак голем број луѓе кои имунитето го стекнаа по природен пат, односно ја прележаа болеста. Моравме да ги воведеме најнеблагодарните мерки и тоа токму за време на новогодишните и божикните денови. Кафулињата беа затворени, учениците беа дома, вработените во многу сектори работеа од дома.
Сега е друго. На ваков или таков начин во Македонија има колективен имунитет. Бројките на новозаразени се движат во рамка од 300 до 400, па во однос на европските земји навистина сме во многу поповолна положба. Засега новиот сој омикрон е детектиран кај само едно лице, па да се надеваме дека нема да предизвикаме експлозија на нов бран во наредниот период, велат од Комисијата за заразни болести за Фактор.
За разлика од кај нас, појавата на Омикрон кон крајт на годинава неуморно го зголеми бројот на дневни нови случаи на ковид над еден милион за првпат.
Глобалните инфекции со коронавирус достигнаа рекордни нивоа во изминатите седум дена, во просек нешто повеќе од еден милион случаи на ден во светот помеѓу 24 и 30 декември, околу 100.000 повеќе од претходниот врв во средата. Велика Британија,Франција, САД, па дури и Австралија уриваат рекорди во нови случаи, а слична е и состојбата во Германија, Холандија и други европски земји каде повтроно се воведоа строги антиковид мерки и за време на празничниот период.
Од друга страна, пак, на скопскиот плоштад десетина дена наназад се поставени новогодишните куќички на населбата „Винтерленд“, каде се радуваат најмладите, а за новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“, Градот преговараше со македонски музички изведувачи. Според програмата, вечер од 21 часот, на скопскиот плоштад ќе можат да се слушнат групите „Пука козметика“, „ДНК“ и „Нокаут“, фолк пејачите Наум Петрески и Зуица Лазова, како и ди-џеј Славе.