Тричлено семејство со примања до 21.000 денари ќе добива помош за сметките за струја
Владата донесе Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година. Оттаму велат дека обезбедени се 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи, кои ќе добиваат намалени сметки за струја од 600 до 800 денари во 2022 година.
Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава за првпат воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон, се вели во соопштението од Владата.
Согласно програмата финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15.194 денари; за домаќинство со два члена до 18.000 денари; за домаќинство со три члена до 21.000 денари; за домаќинство со четири члена до 25.000 денари; за домаќинство со пет или повеќе члена до 30.000 денари.
За реализација на програмата Министерството за економија во месец јануари 2022 ќе распише јавен оглас, а доделувањето на финансиската поддршка ќе се врши по принципот на најниски примања по домаќинство во 2021 година, во секоја од категориите сѐ до исцрпување на предвидените средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година за оваа намена, велат од Владата.