Целата 2021 година беше одбележана со раст на цените во различни правци, при што се издвојува областа на недвижностите, особено домувањето
Иако најмногу се занимававме со растот на цените, но и со побарувачката во Македонија, односно во Скопје, исто така беше невозможно да не се забележи дека и светските и европските земји „го следат трендот на поскапување“.
Сите земји од ЕУ, освен Грција, чии податоци не беа достапни, забележаа пораст на цените на станбените недвижности во третиот квартал од 2021 година, во споредба со истиот период пред една година.
Потсетуваме, цените на станбените недвижности најмногу пораснаа во Чешка, а најмалку на Кипар, а ваквата позиција на Чешка на европската листа не поттикна да истражиме колку чини метар квадратен во Прага.
Оваа есен, туристичкото издание „Тајм аут“ објави, врз основа на гласовите на гласачите, дека Прага, односно „Златниот град“ е прогласен за најубав на светот. Така чешкиот главен град ги престигна силните конкуренти како Њујорк или Париз.
Цените на недвижностите продолжуваат да растат во Чешка. Добрата вест за клиентите е што најмал пораст е забележан во Прага, но не се залажувајте. Главниот град на Чешка и понатаму е најскап во земјата, кога зборуваме за цената на метар квадратен.
Сајтот за недвижности Fermakleri.cz ги спореди цените на становите во осумте најголеми чешки градови од девет – вклучувајќи ги Прага, Брно, Острава, Плзен, Оломоуц, Чешке Будејовице, Храдец Кралове и Усти над Лабем. Податоците за Либерец не беа достапни.
Најголем скок во третиот квартал од минатата година е забележан во градот Усти над Лабем, на северот на Чешка. Таму, до есен, цените на становите пораснале за 53,13 отсто во однос на истиот период во 2020 година и за 11,13 отсто во однос на претходниот квартал.
Прага, пак, бележи раст од „само“ 14,07 отсто на годишно ниво и раст од 3,55 отсто во однос на вториот квартал од 2021 година. Просечната цена за купување стан била околу 4.783 евра за м2.
Се наведува дека во Прага понудата на недвижности долгорочно е многу мала, што ги зголемува цените. Исто така, на скокот на цените дополнително влијае и инфлацијата. Инвеститорите продолжуваат да купуваат станбени единици, бидејќи инвестирањето во овој вид имот го гледаат како заштита од инфлација, што создава поголем притисок врз цените.