Македонија ја зарши претходната година со раст на цените од 3,2 проценти, што е минимално повеќе од проектираниот раст од 3,1 отсто, соопшти Народната банка. Во меѓувреме, предупредува централата, се уште има ценовни притисоци и потребно е внимателно следење. Од Народната банка велат дека ќе преземат мерки, ако се потребни, а Владата веќе замрзна дел од цените на прехранбените производи во текот на декември лани. Оваа одлука завршува за 8 дена односно цените се замрзнати до 31 јануари и засега нема најава дека ќе продолжи. Додека се чека официјално, познавачите велат дека замрзнувањето на цените не даде значаен ефект, а во меѓувреме во „вис“ отидоа цените на некои други прехранбени производи.
„Купувам кафе од 200 грама. Беше до 80, или 85 денари пред Нова година, сега е од 95 до 100 денари. И некои од видовите леб се поскапени, а и зеленчукот кој го купувам, вели скопјанката Маре Илиеска.
Од Народната банка велат дека во земјава како и во глобални рамки, во последниот период, годишниот раст на цените забрза, а очекувањата за увозните цени се коригирани нагоре.
„Ценовните притисоци се последица на растот на цените на примарните производи и приспособувањата поврзани со специфичноста на пандемијата, за коишто меѓународните финансиски институции очекуваат постепено стабилизирање. Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. И покрај тоа, потребно е внимателно следење. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата, како и од зголемената неизвесност на светските пазари на енергенси. Доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, Народната банка е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага, додаваат од НБРМ.
Владата во декември првично ги замрзна цените на неколку групи прехранбени производи, односно на леб, шеќер, брашно, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, месо, сувомесни производи, сирење и урда. Потоа листата се прошири со три нови основни прехранбени производи ориз, јајца и тестенини.
„Листата се проширува со и има за цел да да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението. Исклучени се цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември 2021 година. - изјави Крешник Бектеши министер за економија.
Сепак овие цени важат до 31 јануари и засега не е соопштено дали одлуката ќе се пролопнгира и ќе ваќи и после овој период.
извор: faktor.mk