Се укинуваат сертификатите во трговските центри
Владата на Црна Гора донесе нови антиепидемиски мерки, кои ќе важат од 4 до 18 февруари. Со новите мерки се укинува сертификатот во трговските центри.
Дозволено е и присуство на публика во спортските центри, до четвртина од вкупниот број седишта со поседување сертификат, носење маска и растојание од две седишта меѓу гледачите.
Бројот на новозаболени во изминатите две недели е речиси 50 отсто помал во однос на претходните две недели.
„Дневното ниво на заболување е сѐ уште високо, така што нема опуштање“, рече директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ, на денешната прес-конференција.
Бидејќи сојот омикрон е доминантен, бројот на пријавени смртни случаи е 0,3 отсто во однос на вкупниот број новозаболени, што е од четири до шестпати помалку отколку кога беше доминантниот вид делта, посочи Галиќ.