Касите за самопослужување, какви што има на многу места во светот, го поедноставуваат и го забрзуваат купувањето. Велика Британија сега сака тој процес дополнително да го забрза со камери кои можат да препознаат колку години имаат луѓето што купуваат алкохол.
Имено, за на таквите каси да може да се купи алкохол, потребна е интервенција од продавач – било при скенирањето на шишето алкохол или на крајот на купувањето. Ова е заштитен механизам за да се спречи малолетници да купуваат алкохол, но може прилично да го забави процесот на купување. Ако продавачот истовремено е зафатен на други брзи каси, купувачите ќе мора да почекаат за да им се одобри купувањето алкохол.
Некои продавници во Велика Британија сега почнуваат со тестирање автоматски системи кои се состојат од камери со софтвер кој препознава отприлика колку години има купувачот. Софтверот е тестиран на над 125.000 луѓе на возраст од 6 до 60 години и во просек годините ги промашува за 2,2, односно само 1,5 кога се во прашање младите на возраст од 16 до 20 години.
При користењето на камерите купувачите мора да дадат согласност, по што камерата и го скенира лицето и ако смета дека се постари од 25 години, купувачите ќе можат да продолжат да ги скенираат артиклите, а во спротивно ќе мора да ги покажат своите документи и да докажат дека имаат доволно години за да купат алкохол.
Од компанијата Yoti, која ја разви оваа технологија, велат дека не станува збор за технологија за препознавање лице со која се споредуваат лицата на луѓето со слики од некоја база на податоци, туку станува збор за решение кое само потврдува колку години има купувачот и досега се покажало прилично прецизно.