Компаниите самостојно да одлучат дали ќе „одмораат“ во недела или не, согласно динамиката и спецификата на нивната дејност. Да се најде посоодветно законско решение од актуелното кое многу фирми става во нерамноправна положба, зашто ќе се постигне спротивен ефект од оној што сакал да го постигне законодавецот, апелира Стопанската комора.
Комората предупредува дека доколку не се најде соодветно решение околу „недела неработен ден“ и ако продолжи таксативното набројување на фирмите кои може да работат во недела, а од кое се изземени многу суштински дејности (како градежништвото и трговијата), можни се зголемувања на производните трошоци, затворање на капацитетите, намалување на конкурентноста и отпуштања.
Потребна е флексибилност, а акцентот мора да се стави на инспекцискиот надзор и на доследното почитување на работничките права што вклучува и исплата на додаток за работа во недела.
Меѓу дејностите на кои моментно, со таксативното набројување во Законот, им е дозволено работење во недела, испуштени се суштинските, како градежништвото или трговијата (на големо и мало), кај кои е неопходен континуитет во работните процеси. Ваквите примери предупредуваат дека законското решение за „недела неработен ден“, наместо интенцијата на законодавецот, може да предизвика спротивен ефект – затворање на капацитетите и намалување на бројот работни места. Дополнително, не само што може да предизвика финансиски загуби, туку ќе претставува и ризик од хаварии, ризик по здравјето на вработените и безбедноста при работа, ќе предизвика намалување на конкурентноста на фирмите, поголема потрошувачка на енергија и зголемени производни трошоци, беше речено на прес-конференција.
извор: alsat.mk/mk