Вкупно 45 отсто од децата во 2 и 3 одделение имаат основни вештини за читање – т.е. можат правилно да прочитаат 90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две прашања за изведени значења. Додека 68 проценти успеале правилно да ги прочитаат зборовите, само половина точно одговориле на прашањата за изведени значења.
Според истражувањето, 26 отсто од децата во 2 и 3 одделение имаат основни вештини со броеви – читање и разликување броеви, собирање, и препознавање и дополнување на шеми. Додека 68 отсто успешно разликуваат броеви, само 41 проценти успеале во задачите за собирање и препознавање и дополнување на шеми.
Истражувањето, исто така, покажало дека од децата на возраст меѓу 7 и 14 години, девојчињата ги надминуваат момчињата во основните вештини за читање, 70 отсто од нив имаат основни вештини за учење во споредба со 58 отсто од момчињата. Од друга страна, момчињата покажуваат подобри основни вештини со броеви од девојчињата – 47 отсто наспроти 35 отсто.
Околу 60 отсто од децата на возраст меѓу 7 и 14 години имаат три или повеќе книги за читање дома, со значителни разлики помеѓу децата од најбогатите и најсиромашните квинтили – 96 отсто во споредба со 18 отсто.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, не добил публицитет каков што заслужува и затоа, во периодот кој следува, ќе објавуваат инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот, со кои, како што посочуваат, сакаат да ја претстават сликата за состојбата на децата и жените во Македонија.
извор: novamakedonija.com.mk