Зад приказната на Монкдолс стојат Моника и Славчо, заедно со најмалиот член на нивниот тим, а најголемиот “виновник” за оваа приказна, нивната ќерка Ира
Дипломиран инженер и економист своето хоби го претвораат во успешен бизнис
- Јас сум дипломиран инженер. Работев 10 години во градежна фирма во Скопје, од кои последните 2 години паралелно на Монкдолс како хоби. Пред 3 месеци конечно се решив да се посветам само на Монкдолс и сега ми е full-time job - вели Моника.
- Славчо е дипломиран економист, работеше на семеен бизнис, меѓутоа од неодамна и тој е посветен само на Монкдолс.
Како се роди идејата и колку време помина од идеја до реализација? И од каде името има ли некое значење?
- Малите дрвени куклички – Peg dolls, се вид кукли кои потекнуваат од Val Gardena, област на Алпите и биле изработувани уште од 1850-та година. Фигурите ги видовме кај наши блиски пријатели во Германија. Со својата едноставност и приказната зад нив, веднаш ни ги освоија срцата. Дрвото и планините се нешто што нè поврзува мене и сопругот, па тоа беше дополнителен мотив да создадеме нешто од овие куклички.
- Направивме рамка со фигури од нашето мало семејство, пред да се роди Ира, за во нејзината соба. Набрзо изработивме слични рамки за нашите пријатели на кои премногу им се допадна идеата. Така Монкдолс ни стана хоби.
- Не бевме многу креативни околу името, бидејки е нешто што го створивме заедно, сакавме само да има букви од нашите имиња. Со логото сакавме да го прикажеме чувството кое ние го имаме со рамката дома, па нацртавме куќичка во кое има црвено срце - симбол за топол дом.
Кажете ни нешто повеќе за изработката и материјалите кои ги користите. Колку време треба да се изработи една комплетна “куќичка„?
Рамките се направени од поцврсто, а фигурите од помеко дрво. Материјалите ги наоѓаме во локални складови за дрво, го набавуваме речиси необработено. Самите го обработуваме дрвото рачно и машински.
Понекогаш ни е потребно кратко време од идеа до комплетна рамка, а понекогаш дури и месеци. Се’ е во зависност од моменталната инспирација. Во просек е потребно околу 3 дена од прва до последна фаза на изработка.
Дали сте задоволни со развојот на вашиот бизнис? Дали имате конкуренција и кои се оние „сопки„ во ваквиот вид на бизнис?
- Со оглед на тоа што бевме скептични колку ќе се прифатат нашите изработки, задоволни сме што нашето хоби се разви во мал бизнис. Пандемијата донесе голем подем на онлајн продажбата, што беше добра страна од целата приказна, за конечно двајцата да почнеме да го работиме тоа што навистина го сакаме.
- Не сметаме никого за конкуренција. Секој твори нешто на кое остава свој траг. Се радуваме кога гледаме храбри млади луѓе кои се трудат да си го остварат својот сон и да создадат нешто свое.
- Од самиот почеток сосема сами го растеме и го развиваме овој бизнис. Чекориме бавно и секој ден учиме нешто ново за него. Сопките ни се само лекции за како поцврсто да чекориме понатаму.
Производите на Монкдолс ги има на скоро секој континент
- Наши рамки има веќе скоро на секој континент, тоа ние премногу драго, иако доставата надвор од Македонија оди малку тешко. Луѓето сами наоѓаат начин да ги земат изработките преку роднини и пријатели кои патуваат во странство. Веќе имаме побарувачка на Балканот, би било супер доколку најдеме начин доставата да оди полесно барем во соседните земји.
Што ве прави уникатни и посебни?
- Дефинитивно е тоа што ги следиме нашите клиенти. Посветени сме на секој еден, за целосно да ја доловиме приказната која треба да биде претставена во рамка. Тоа е најтешкиот, но и најкреативниот дел од изработката. Секое семејство/пријатели се уникатни сами по себе и тоа ја дава уникатноста на секој наш производ.
Можете ли да споделите со нас некоја нарачка или приказна која ви оставила посебен впечаток?
- Можеме да ја издвоиме изработката на рамки за една мала хероина која сакаше да им се заблагодари на сите доктори кои и помогнаа да преброди тешка битка. Тоа беа 24 рамки со доктори и медицински сестри, со неколку дечиња околу нив. Тоа што токму ние бевме одбрани за тој гест, е од особена важност за нас.
Каде можеме да ги најдеме производите на Монкдолс?
- На нашиот инстаграм профил имаме објавено каков тип на рамки изработуваме најчесто. Секако дека сме отворени за предлози. Имаме и некои нови идеи за рамки, кои планираме да ги објавиме наскоро. Во моментов online можат да се нарачаат на нашиот инстаграм профил, а веднаш достапни изработки имаме во продавниците на Мала Пажња.
Што би им порачале на оние кои се двоумат да почнат со резлизација и опочнување на сопствен бизнис?
Започни, мисли, анализирај, планирај, обиди се, направи, продолжи да го правиш тоа, успеј!
Ова е патот кон успех објаснет во неколку чекори, во градинката на ќерка ни.
Среќно!