Новите повисоки сметки за струја веќе пристигнаа. Првите реакции на граѓаните се дека сметките се многу повисоки од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика на крајот на ланската година кога објави дека електричната енергија ќе поскапи за 9,4 отсто. Граѓанските организации добиле огромен број на поплаки од граѓани кои во јануари добиле за над 50 отсто повисока сметка од онаа во декември.
Од ЕВН Македонија велат дека во Скопскиот регион регистрирана е зголемена потрошувачка на електрична енергија поради догревање во деловите кои се снабдуваат со топлинска енергија. Повисоките сметки главно се поради повеќе потрошени киловат часови, а не од зголемувањето на цената на електричната енергија.
Во најголемиот дел се работи за точно потрошени киловат часови колку што е во сметката, а во некои случаи стануваше збор за проценета вредност поради непрочитано броило или порамнување од претходно непрочитан период. Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец, велат од ЕВН Македонија.
Надлежните посочија дека зголемувањето на цената на струјата од речиси 10 отсто ќе важи во првите шест месеци од годинава. Доколку е потребна нова корекција ќе ги информираат граѓаните навремено. Се зависи од тоа како ќе се движат цените на светските берзи и каква ќе биде глобалната побарувачка на електричната енергија.
извор: vesnik.com