Грција веројатно дополнително ќе ги олабави рестрикциите за вакцинираните
Укинување на забраната во кафулињата и угостителските објекти како и посета на спортски натпревари се можните мерки што според грчките медиуми, се разгледуваат во Грција, кои се однесуваат само на вакцинираните.
Надлежната комисија на епидемиолози, во среда ќе го одржи редовниот состанок за да ја разгледа епидемиолошката слика во земјата и евентуално да препорача дополнително олабавување на мерките воведени за време на новогодишните и божиќните празници.
Според грчките медиуми, целта на Владата е во текот на следниот месец да бидат укинати речиси сите рестрикции што се однесуваат на вакцинираните, а министерот за здравство на Грција рече дека ќе има постепено враќање во нормала за вакцинираните граѓани.
Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 2.174.093 случаи на Ковид-19, починаа вкупно 24.754 лица, а вчера, по подолг период, бројот на пациенти приклучени на апарат се намали на под 500.
извор: skopjeinfo.mk