Агенцијата за вработување во текот на вчерашниот ден објави јавен повик во кој се повикуваат Единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје кои се заинтересирани за организирање на јавни работи преку ангажирање на невработени лица со ниски квалификации да се пријават во работниот клуб на АВРМ – Центар за вработување на чие подрачје е седиштето на ЕЛС.
За спроведување на програмата предвидена е финансиска поддршка во износ од 400 денари по ангажирано лице, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Максималниот број на поддржани лица по општина е 50, а истите можат да бидат ангажирани од страна на општините и Градот Скопје за период најмногу до 22 дена.
За работен ангажман можат да покажат интерес и приматели на социјална помош бидејќи со овој ангажман нема да им се скрати правото на социјална помош.