Од 1 март повеќе нема да има замрзнати цени, но ќе има одмрзнување на производните маржи на странските производи увезени во трговијата. Главно ова ќе бидат основни прехранбени производи, рече министерот за економија.
Ќе се оди со дефинирање на одредени профитни маржи и во трговијата на мало и на големо за производите кои се увезуваат во Македонија. Нашата забелешка е дека кај производите што не ги произведуваме, односно ги увезуваме, има поголемо зголемување на цените и според тоа ќе се оди најверојатно со опцијата на маржите, изјави министерот.
Од претходно, имаше најави дека маржата ќе може да се фиксира така што ќе се следат фактурите на трговците доставени при увоз до Царинската управа и ќе се следи ланецот на набавка до самите маркети, а таа нема да може да биде поголема од 5 отсто.
Владата на почетокот на декември 2021 ги замрзна цените на основните прехранбени продукти до крајот на јануари 2022, а потоа мерката ја продолжи и до крајот на февруари.
Мерката опфаќаше замрзнување на цените за: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирење, урда, ориз, јајца и тестенини.
Одлуката значеше дека највисоките цени за овие продукти остануваат на нивото на редовните цени кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало.
извор: vesnik.com