Балканадолија, како што е наречен заборавениот континент, се наоѓала меѓу Европа, Африка и Азија и била мост за населување на цицачите од азискиот на европскиот континент, тврди група научници во неодамнешна студија.
Кога нивото на морето опаднало, пред околу 34 милиони години, животните почнале да се доселуваат на југот на Европа, а тоа било пред периодот еоцен, кога голем број цицачи во западниот дел на континентот исчезнале во текот на една од епохите на изумирање, се наведува во студијата на научниците, што ја предводи палеологот Алексис Лихт од Европскиот центар за истражување на геонауката на животната средина.
Научниците ги засноваат своите тврдења на фосилите пронајдени на Балканот, кои покажуваат дека животните се доселувале од Азија од пет до 10 милиони години пред да дојде до нивно исчезнување во Европа. Тие ги користеле податоците за фосилите од Балканот и од Анадолија, споредувајќи ги со последните сознанија за геолошката историја, а потоа ги реконструирале палеолошките промени во регионот. Откриле дека Балканадолија во еден момент, од самостоен континент, станала „мост“, кога се споила со континенталниот дел на Европа.
Комбинацијата на намаленото ниво на морето, зголемувањето на мразот на Антарктикот и тектонските нарушувања ја поврзале Балканадолија со другите континенти пред 40-34 милиони години, се наведува во истражувањето.
Тоа им овозможило на цицачите од Азија, како што се глодачи и копитари, да дојдат на ова копно, а потоа и во Европа, покажува истражувањето на фосилите. Научниците меѓу фосилите откриле и животно што наликува на носорог, пронајдено во Турција, каде што живеело пред 38-35 милиони години, што значи дека животните од Азија доаѓале на Балканадолија и во Европа, пред големото изумирање.
Пробивот на овој начин бил многу полесен за животните, бидејќи патувањето низ централна Азија било значително потешко поради пустинските, но и замрзнатите предели на одделни делови.